Насловна Мистерија Мистеријата зад „Тајната Вечера” на Леонардо да Винчи

Мистеријата зад „Тајната Вечера” на Леонардо да Винчи

од Ivica Kitanovski

Тајната Вечера е последниот оброк на Исус Христос кој го поделил заедно со „ Дванаесетте апостоли ” пред неговото предавање од страна на Јуда Искраиотски и неговата земска смрт. „Тајната вечера” е една од најпознатите слики на Леонардо да Винчи која е насликана во црквата „Санта Марија дела Грација“ во Милано, во 1498 година. Димензиите на ова дело се 8,8 метри на 4,6 метри.

На вечерата на која се јадело леб и вино, Исус предвидел дека до следното утро ќе биде издаден од еден од неговите ученици по што ќе биде погубен. По ова, тој го зел лебот во раката говорејќи:
Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен!
Земајќи ја чашата рекол:
„Ова е чаша на Новиот Завет во Мојата крв. Правете го ова, секојпат кога пиете, за Мој спомен!”

Делото “Тајната Вечера” е симбиоза на три елементи кои Леонардо ги разликувал при создавањето, и тоа традицијата, верност и анатомско-физиогномичен пристап. За да го нагласи овој аспект како најверен и најреалистичен, тој студирал пози, изрази на лицето на апостолите, и физиогномијата преку стари учења и записи.

Фреската е огледало на реакцијата нa секој од апостолите кога Исус им соопштува дека еден од нив ќе го предаде. Секој од дванаесетте апостоли има различна реакција на веста, проследена со различна доза на лутина и шок.

Од лево кон десно: Вартоломеј, Јаков, Андреј, Јуда, Петар, Јован, Исус, Тома, Јаков, Филип, Матеј, Тадеј и Симон.

Дванаесетте апостоли се претставени во четири групи, сочинети од по тројца.
Од лево кон десно:

  • Првата тројка ја сочинуваат Вартоломеј, Јаков Алфеев , Андреј (брат на Петар).
    Тројцата се затечени и крајно изненадени од соопштеното.
  • Втората тројка ја сочинуваат Јуда, Петар и Јован (брат на Јаков).
    Јуда е насликан во сино, црвено и темно зелена облека и главата му е зафрлена наназад, збунет од ненадејното откривање на неговиот план. Во раката стиска мала кожна вреќичка, која го означува среброто кое му било дадено како исплата за предавството на Исус. Тој е единствената личност што го потпира лактот на масата, а главата му е насликана вертикално најниско од секој на сликата.
    Петар изгледа луто држејќи нож зад грб во раката, предвидувајќи ја својата насилна реакција во Гетсеман за време на апсењето на Исус кое допрва треба да се случи. Тој се потпира на Јован и го допира по рамо, навалувајќи се кон Исус за да го праша кој е тој што сака да го предаде.
    Најмладиот апостол пак Јован, се смилува, го смирува и наклонува кон Петар.
  • Третата тројка е сочинета од Тома, Јаков и Филип.
    Тома е видно вознемирен со показалецот подигнат кон таванот, додека Јаков е во длабоко неверување со раширени и подигнати раце во воздухот.
    Филип пак е претставен како збунето бара одредено дообјаснување.
  • Четвртата тројка ја сочинуваат апостолите Матеј, Тадеј и Симон.
    Матеј и Тадеј, двајцата се во шок и свртени накај Симон, трагајќи по мислење и одговори за веста која штотуку им е соопштена.

По вечерата, Исус заедно со неговите ученици отишле во Гетсеманската градина за да се молат. Според преданијата на Христијаните, садот од кој се пиело виното се поврзува со Светиот грал. Тајната вечера се одржала во објектот кој денес е познат како Сионска Горница, кој се наоѓа само на неколку метри од ѕидините на Стариот град во Ерусалим.

Стариот Град во Ерусалим

Во Евангелието се кажува дека Исус ги избрал своите апостоли веднаш откако бил искушуван од ѓаволот во пустината 40 дена. Апостол Петар и Апостол Андреј (браќа) се првите два апостоли, кои претходно биле рибари. Кога Исус им пришол и ги повикал да појдат по него, тие веднаш ги фрлиле мрежите и му се придружиле. Веднаш по нив, и браќата Јаков и Јован (исто така рибари) му се придружиле на Исус.
Понатаму му се придружуваат и останатите апостоли, за на крај меѓу нив да влезе и даночникот Матеј. Околу неговиот прием Фарисеите имале големи забелешки, затоа што во тоа време на даночниците се гледало како на насилници во општеството. Одговорот кој Исус Христос го дал на овие негодувања бил: „на здравите не им треба лекар, туку на болните… Јас не дојдов за да ги повикам праведните, туку грешните“

Во Евангелието постои и тринаесети апостол, Павле од Тарсус Савле, подоцна Апостол Павле, кој не е на Тајната Вечера, а тврдел дека е назначен директно од воскреснатиот Христос, за време на неговата визија во Дамаск после распнувањето и Воскресението. Апостол Павле е оној кој дошол да го рашири Христијанството преку Македонија во остатокот од Европа, и за кој во Светото Писмо, во книгата Дела на светите апостоли , апостолот Лука забележал:
И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада. Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ,Премини во Македонија и помогни ни!‘“
“По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието“

(Дела 16,8-10) Овој прекрасен библиски текст е нашето Првоевангелие за Македонија.

Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Рубикон.мк. Секој упад и злоупотреба на интернет-страницата на Рубикон е казнив со закон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ