Насловна Мистерија Кои се и што претставуваат „Четирите јавачи на апокалипсата“?

Кои се и што претставуваат „Четирите јавачи на апокалипсата“?

од Ivica Kitanovski

Четири коњи галопираат со молскавична брзина. Коњите и нивните јавачи на многу живописен начин се опишани во Стариот Завет од Библијата. Првиот коњ е бел, а го јава еден величествен, новоустоличен цар. Коњот што доаѓа по него е со пламена боја, а неговиот јавач го одзема мирот од Земјата. Третиот коњ е потполно црн, а оној што го јава држи терезија и објавува лоша вест дека ќе има недостиг на храна. Последниот коњ е со сива, многу бледа боја и навестува болести и други смртни опасности, а го јава самата Смрт. Веднаш по него оди Гробот и ги покосува животите на безброј луѓе! (Откровение 6:1-8).

На прв поглед, четирите јавачи изгледаат крајно мистериозно и страшно. Сепак, Библијата и некои настани од поново време, ни помагаат да откриеме што точно означува секој од овие јавачи. Иако тие најавиле големи катастрофи на Земјата, нивниот галоп може да значи и добри вести во иднина за човештвото. Во која смисла? Пред да одговориме на ова прашање, да видиме што всушност претставуваат четирите јавачи, а одговорот и разврската ќе ги добиете во продолжение.

ЈАВАЧОТ НА БЕЛИОТ КОЊ

Видението започнува со следниов опис: „Гледај — бел коњ и на него јавач кој имаше лак. И му беше дадена круна, па излезе храбро и тргна во конечна победа“ (Откровение 6:2).

Со јавачот е претставен Исус Христос. Тој е во мисија да им стави крај на сите страдања (Откровение 6:1,2)

Кој го јава белиот коњ? Тоа ни го открива библиската книга Откровение, во која овој јавач е наречен и „Реч Божја“ (Откровение 19:11-13). Оваа титула — Речта — му припаѓа на Исус Христос бидејќи тој е Божји гласник (Јован 1:1, 14). Освен тоа, Исус е наречен и „Цар над царевите и Господар над господарите“ и е опишан како „Верен и Вистинит“ (Откровение 19:11, 16). Според ова, тој има власт како цар и воин и никогаш не ја злоупотребува својата моќ. Сепак, се наметнуваат некои прашања:

Кој му дал власт на Исус да тргне во победа? Пророкот Даниел имал видение во кое Месијата е опишан како „син човечки“, ги добил „власта, честа и царството“ од „Прадревниот“ — самиот Бог (Даниел 7:13, 14 ). Значи, Семоќниот Бог му дал на Исус право и моќ да владее и да изврши осуда. А белиот коњ е соодветен симбол за праведната војна која ќе ја поведе Божјиот Син, бидејќи Библијата честопати ја користи белата боја како симбол за праведност и борба против злото (Откровение 3:4; 7:9, 13,14 ).

„ Тогаш на небото избила војна во која сатана и демоните се исфрлени оттаму. Бидејќи оттогаш сатаната е ограничен да дејствува само на Земјата и деновите му се избројани, тој е полн со гнев. Но, наскоро Бог ќе ја изврши пресудата над нечестивиот и ќе му стави крај на неговото влијание на Земјата “ (Матеј 6:10). Сега, да видиме како останатите тројца јавачи потврдуваат дека навистина живееме во „последните денови“. За разлика од првиот јавач, кој претставува конкретна личност, со останатите тројца јавачи се претставени условите во светот кои владеат денес.

Првиот јавач, Исус, почнал да јава кога ја добил круната, односно кога бил поставен за Небесен Цар (Откровение 6:2). Дали тоа се случило веднаш откако умрел и воскреснал на небото? Не. Библијата открива дека тогаш започнал еден период во кој Исус требало да чека (10:12,13). Исус им кажал на своите следбеници по што можат да препознаат кога ќе заврши тој период и кога ќе почне да владее како Цар на небото. Тој рекол дека, кога ќе почне да владее, условите во светот нагло ќе се влошат и ќе има војни, глад и епидемии (Матеј 24:3, 7; Лука 21:10,11). Кратко откако избувнала Првата светска војна во 1914та година, човештвото влегува во нова ера — во еден тежок период за Земјата за кој се претпоставува дека е оној кој во Библијата се нарекува „последните денови“ (2.Тимотеј 3.1-5).

ЈАВАЧОТ НА КОЊОТ СО ПЛАМЕНА БОЈА

„И излезе друг коњ со пламена боја. На неговиот јавач му беше дадено да го одземе мирот од земјата за луѓето да се убиваат едни со други. И му беше даден голем меч“ (Откровение 6:4).

Со јавачот се претставени немирот на земјата и војните (Откровение 6:3,4)

Овој јавач ги претставува војните. Како што гледаме од стихот, тој го одзел мирот од целата Земја, а не само од неколку држави, во локални војни и жаришта. Во 1914 год. за првпат во човечката историја избувнала војна во светски размери. Кратко потоа, следела и Втората светска војна, која била уште поразорна. Според некои проценки, бројот на загинати во војните и вооружените конфликти од 1914 год. па наваму е далеку поголем од 100 милиони жртви, неброејќи ги оние лица кои се здобиле со тешки повреди.

А каква е состојбата со војните денес? Се чини дека за првпат во историјата луѓето имаат моќ да го збришат целиот човечки род од лицето на Земјата. Дури и организациите што се сметаат за мировни, како што се Обединетите нации, не превземаат апсолутно ништо да го запрат “Јавачот на црвениот коњ“.

ЈАВАЧОТ НА ЦРНИОТ КОЊ

„Гледај — црн коњ и на него јавач кој имаше терезија во раката. И чув како еден глас среде четирите суштества вели: ‚Мера пченица за денариј и три мери јачмен за денариј. А маслото и виното троши ги штедливо‘“ (Откровение 6:5,6).

Со јавачот е претставен гладот. Недостигот на храна е причина за смртта на стотици милиони лица.

Овој јавач го претставува гладот. Во овие стихови се спомнува таков недостиг на храна што една мера пченица (700 грама) чинела еден денариј — сума, што во првиот век изнесувала цела дневница. (Матеј 20:2). Исто толку чинеле и три мери јачмен (2,1 килограми), житарица која се сметала за помалку вредна од пченицата. Тоа било многу скапо за да може да се прехрани едно големо семејство. Луѓето требало да ги штедат дури и основните намирници, соодветно претставени со маслиново масло и вино — едни од главните прехранбени производи во тоа време.

Дали од минатиот век наваму може да се забележат докази за походот на јавачот на црниот коњ? И тоа како! Во текот на 20 век, од глад умреле повеќе од 70 милиони луѓе. Според еден извештај се проценува дека „во периодот од 2012 до 2014 год. хронично неисхранети биле 805 милиони лица — отприлика секој деветти човек на планетата“. Други пак извори велат дека секоја година гладот убива повеќе луѓе отколку СИДА-та, маларијата и туберкулозата заедно. И покрај “многуте искрени напори” да им се обезбеди храна на гладните, никој и ништо засега не може да го запре Јавачот на црниот коњ.

ЈАВАЧОТ НА БЛЕДО СИВИОТ КОЊ

„Гледај — блед коњ и на него јавач, чие име беше Смрт, а по него одеше гробот. И им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч и со глад и со помор и со земни ѕверови“ (Откровение 6:8).

Јавачот на овој коњ ја означува прераната смрт поради болести и други причини, а Гробот зад него, ги собира сите жртви

Четвртиот јавач ја претставува смртта како последица на заразните болести, војни и други причини. Кратко по 1914 год., шпанскиот грип покосил десетици милиони луѓе. Се претпоставува дека во тоа време се заразиле околу 500 милиони лица, што било отприлика секој трет човек во светот!

Но, грипот бил само почеток. Експертите проценуваат дека во текот на 20 век од големи сипаници животот го изгубиле над 300 милиони луѓе. И покрај напредната медицина, денес сѐ уште умираат милиони лица поради СИДА, туберкулоза, маларија, рак и други болести.

Сеедно дали причината е војна, глад или болест, последиците се исти — загуба на човечки животи. Без да понуди никаква надеж, Гробот ненаситно ги собира жртвите.

ДОБРИТЕ ВРЕМИЊА ДОПРВА ЌЕ СЛЕДАТ

Тешките времиња во кои живееме сега, наскоро ќе завршат. Не заборавајте, Исус тргнал во победа, но сѐ уште не ја завршил победата (Откровение 6:2; 12:9, 12). Наскоро, за време на Армагедонот, Исус ќе ги отстрани сатаната и сите што се на негова страна (Откровение 20:1-3). Исус не само што ќе му стави крај на походот на останатите тројца јавачи туку и ќе ја поправи и сета штета од нивното јавање. На кој начин? Еве што ветува Библијата:

Наместо војна, ќе завладее мир. Бог ги прекинува војните до крајот на земјата. „ Го крши лакот, го здробува копјето“ (Псалм 46:9). А добрите и кротки луѓе „ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11).

Наместо глад, ќе има изобилство храна. „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 71:16).

Според Откровението, Исус ќе ја поправи штетата од останатите тројца јавачи. Следува ера кога конечно ќе завладее мирот, ќе нема болести и смрт. Сите ќе бидат потполно здрави и ќе можат да живеат вечно. Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4).

Сета литература и претстава за „Јавачите“ е собрана од повеќе различни извори од страна на редакцијата на Рубикон и служи исклучиво за расветлување и појаснување на терминот за кој сите сме слушнале, а малку знаеме за позадината, неговото потекло и значење.

Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Рубикон.мк. Секој упад и злоупотреба на интернет-страницата на Рубикон е казнив со закон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ