Насловна Занимливости Фобиите и чудните навики на светските диктатори (прв дел)

Фобиите и чудните навики на светските диктатори (прв дел)

од Ivica Kitanovski

Колку и да оставиле историски печат како цврсти, недопирливи и бескомпромисни водачи и лидери, секој од доле наведените тирани бил само обичен човек, со обични стравови и навики, дури и многу поекстремно нагласени од оние кај остатокот од човештвото. Да погледнеме во продолжение со какви фобии и чудни навики се соочувале тројца од низата најозлогласени светски диктатори.

1. Јозеф Сталин

Необичното хоби на Сталин и содржините од неговиот познат “Црн тефтер” во кој обожавал да црта во доцните ноќни часови, седнат поред каминот во својата канцеларија, конечно пред 2 години ја здогледаа светлоста на денот, кога беа објавени и истакнати на јавната изложба во Московскиот национален музеј. Верувале или не, озлогласениот совиетски диктатор, обожавал да црта голи мажи и да остава саркастични и хумористични пораки во цртежите кои секогаш ги потпишувал со својот потпис. Неретко, во својата збирка имал и цртежи со портрети на голи мажи нацртани од големи сликари, на кои само испишувал афоризами, хумористична порака или доцртувал одреден сегмент. На една слика, тој го здебелил пределот на гениталиите со црвен молив. Во друга пак, тој нацртал голем син крст низ торзото на голиот човек. Но во повеќето портрети, тој се ограничува на наслови во долниот агол, на кои стои неговиот потпис, како што е примерот со еден од голите портрети на кој испишал „Една будала која размислува, е полоша од 10 непријатели“.

Дел од изложбената колекција во Московскиот музеј

На други портрети од голи мажи пак, оставал пораки за неговите болшевичките непријатели, и мртви и живи: „Радек, ти портокалово копиле, да не пробавте да мокрите контра ветрот, да не бевте толку лоши, можеби уште би биле живи“, се вели во еден наслов, сместен покрај наведната мускулеста гола машка фигура, нацртана со акцент на задниот дел од голото машко тело, дело на Василиј Суриков, познат руски сликар од 19 век.

“Некои луѓе посочуваат дека оваа серија може да покаже дека Сталин имал хомосексуални склоности“ вели Виктор Туршчатов, познат руски новинар, еден од организаторите на изложбата. „Но јас не сметам така, за мене тоа потенцира колку овој човек бил длабоко осамен и изолиран. На најголемиот дел од изложените слики, испишаните пораки се на руски јазик, додека само на неколку се на мајчиниот јазик на Сталин, грузискиот.

2. Адолф Хитлер

Иако Хитлер бил бескомпромисен и суров диктатор, тој имал голем страв од мачки, познат и како Аилурофобија. Секој пат кога ќе видел мачка, стравувал за својот живот и пробувал да избега и да се сокрие. Сведоштва од записи често говорат за тоа дека кога бил вооружен и ќе видел мачка, без никакво двоумење посегнувал по оружјето и пукал. Иако звучи необично, многу големи светски лидери низ историјата ја делеле фобијата заедно со него. Од Аилурофобија пателе и Наполеон, Јулиус Цезар, Џингис Кан, па дури и Мусолини.

Хитлер, страдал и од низа проблеми со оралното здравје поради стравот од забар. Тој честопати се жалел на болка и имал ужасено лош здив, пожолтени заби, апсцеси и заболувања на непцата. Имал неподносливи болки кои го доведувале до лудило и тврдел дека не може да се справи со болката. Некои записи сугерираат дека лошото орално здравје на Хитлер и огромната болка, дополнително придонеле за неговите психолошки вознемирености и целокупниот пад на здравјето кон крајот на војната.

Познат е и по тоа што се ужаснувал и одбивал воопшто да се доближи до концентрационите логори, иако под негова директна команда биле извршувани ѕверските измачувања и одземање на животите на неколку милиони евреи.

3. Мао Це Тунг

Специфично за Мао, е тоа што се ужаснувал од лекари и одржувал многу лоша лична хигиена. Никогаш не се капел, туку претпочитал периодично да се исчисти со влажна топла крпа, само на одредени делови од телото. Никогаш не ги четкал забите, туку само ја исплакнувал устата со чај. Поради лошата орална хигиена, имал хронични проблеми со забите, меѓутоа тоа не го предомислило во цврстата намера да одбива секаква стоматолошка асистенција и докторска помош. Поради кариесот, гнојните отоци, апсцеси и забниот каменец, тој до 1970 година ги изгубил сите горни заби и добар дел од долните.

Мао претпочитал само масна храна и бил маничен пушач на цигари. Во младоста не конзумирал алкохол, но подоцна не останал имун и на таа лоша навика, па почнал да го конзумира редовно, во огромни количини. Спиел на сосема обичен, голем дрвен кревет со цврст душек, кој го носел со себе на сите негови патувања ширум светот. Мао бил редовно мачен од вошки на телото и имал енормно нездрава кожа. Поради крајно нездравиот начин на живот и одвратните навики, во 1963 година, добил заболување на пустулата на градниот кош која довела до развој на опасен по живот апсцес и септикемија.

Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Рубикон.мк. Секој упад и злоупотреба на интернет-страницата на Рубикон е казнив со закон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ