Насловна Мистерија Дали ги знаете имињата на седумте Божји Архангели?

Дали ги знаете имињата на седумте Божји Архангели?

од Ivica Kitanovski

Системот на седум Архангели кои претстојат пред престолот Божји е стар обичај на гледање во Христијанството. За прв пат оваа седморка се јавува во Енох I. Архангелите се вториот чин во третата група на ангелската небеска хиерархија. Заедно со Светите Начела и небеските Ангели, спаѓаат во третата небеска тријада. Архангелите претставуваат чин кој е предодреден да учи, штити и да прима Боженствена волја од повисоките небески чинови и со љубов да ја пренесат на понискиот чин од нив, односно ангелите. Задачата пак на Ангелите е да бидат врската помеѓу земскиот свет, односно луѓето и Небесата, и да Божјата волја и вистина ни ја пренесат нам, луѓето, во онаа мера во која е тоа за нас достапно за прифаќање.

Христијанството не учи на седум Божји Архангели, според Православието тие се:

  • Михаил (Оној кој е како Бог)
  • Гаврил (Силата Божја)
  • Рафаил (Исцелител Божји)
  • Урил (Оган и светлост Божја)
  • Салатил (Богомолител)
  • Јегудил (Славата Божја)
  • Варахил (Благослов Божји)

На некои места, поретко, се споменува и осми Архангел, Јеремиил чие име означува “Возвишеност кон Бога”

Архангел Михаил – (Оној кој е како Бог) началник на Божјата армија и главата на Архангелите

Михаил, на хебрејски значи „оној кој е како Бога“ и се смета дека е најблизок Архангел до самиот Бог.

Михаил е меѓу главните Архангели во Аврамските преданија. Се вели дека неговото име било борбен извик на ангелите на небесата во борбата против сатаната и неговите следбеници. Архангел Михаил во Православието е претставен како војсководец, кој во својата десна рака држи меч или копје, со кое се борел и го совладал Луцифер. Михаил се смета за голем заштитник на Христијанството и жесток борец против ересот.

Откровение 12:7-8 „И настана војна во небото. Михаил со своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа, но не устоија и не им се најде веќе место во небото.“ Јован опишува како Сатаната е исфрлен од небото

Голем дел од доцните мидрашки подробности за Михаил се пренесени преку книгата на Енох. Во Христијанството, Архангел Михаил, заедно со Свети Ѓорѓија станале светци заштитници на витештвото. Во многу Христијански држави како и во Македонија, Архангел Михаил се смета за заштитник на полицајците и војниците. Во Православието, славата на Архангел Михаил се празнува на 21ви ноември.

Архангел Гаврил – носител на добрите вести

Значењето на името Гаврил е “силата Божја”

Архангел Гаврил, духот на вистината кој служи како гласник на Бога, и е еден од големите седум Архангели кои претстојат пред престолот Божји. Гаврил е оној кој им открива на Захарија и Елисавета дека ќе им се роди син, Јован Крстител , и ја посетува Марија за да ѝ соопшти дека ќе го роди Исус. Откога чул за зачнувањето на Марија, Јосиф сакал да ја остави, но на сон му се јавил „Господов ангел“, Гаврил, кој го посетил и му рекол дека таа зачнала од Светиот Дух. Гавриловата посета на Марија во “Евангелието според Лука” се нарекува “Благовештение”, настан кој се слави на 25ти март кај православците и римокатолиците. Во Библиските преданија понекогаш го среќаваме и како Ангел на смртта или Божји гласник, а според многу библиски гледишта се смета дека Архангел Гаврил и Светиот Дух се едно исто.

Се смета дека Архангел Гаврил е еден од ангелите кои го погребале Мојсеј, бил и гласот кој му рекол на Ное да ги собира животните пред големиот потоп, невидливата сила која го спречила Аврам да го убие Исак и гласот на распламтената капина. Во Православието, славата на Архангел Гаврил се празнува на 29ти септември.

Архангел Рафаил – Божји исцелител

Архангел Рафаил оној кој исцелува со Божјата моќ

Името на Архангелот Гаврил, значи “помош или исцелување Божје” Тој е еден од Архангелите кои ги пренесува светите молитви и излегува пред славата Божја. Помошник на болните, оние кои патат, сиромасите и сите кои на било каков начин вистински страдаат. Во Библијата се наведуваат примери каде луѓето ги ослободувал од зли духови и им го повраќал видот, затоа и најчесто на иконите е претставен како држи сад со лекови.
Се смета за заштитник на лекарите и ветеринарите и сите оние кои се бават со пружање било каква помош на болните и бедните.

Архангел Урил – Светлоста и оган Божји

Архангел Урил- намесник на сонцето, светлина Божја, ангел на Божественото присутност

Архангелот Урил, е оној кој кој со светлоста го чисти и просветлува човечкиот ум, како би ја препознал вистината и би тежнеел кон нематеријалното, возвишеното и духовното. Урил се смета за херувим  и Ангелот на покајанието. Тој е оној кој стои на портата на Рајот со огнен меч. Познат е и како Архангелот кој надгледува громови и ужас. Во приказот “Петрова Апокалипса” тој се јавува како Ангелот на покајанието, кој графички е претставен како безмилосен кон било кој демон. Во ерата на Адам и Ева, Урил се смета за духот (т.е. еден од херувимите) во третата глава на Битието, кој бил еден од Ангелите кои помогнал да се закопаат Адам и Авел во Рајот. Често е прикажан како носи книга или папирусна ролна која ја претставува мудроста. Урил е покровител на уметноста и се смета за заштитник на уметниците.

Архангел Салатил – Богомолител

Архангел Салатил – молитвеник Божји за здравје и спасение на луѓето

Архангел Салатил во Православната иконографија е прикажан е како понизно се моли, со симнат поглед и прекрстени раце на градите. Негов особен атрибут е молитвата, и православците бараат помош од него ако нивната молитва е пореметена, невнимателна, или ладна. Молитвеник Божји, кој секогаш се моли на Бога за луѓето и ги поттикнува луѓето да се молат, молитвеник за спасение и здравје на човечкиот род. Ги загрева душите и стоплува срцата на луѓето да не бидат ладни и површни за време на молитва, туку длабоки и искрени.

Архангел Јегудил (Славата Божја)

Архангел Јегудил – заштитник на Славата Божја

Архангел Јегудил, често е прикажан како држи златна круна во десната, и тријазичен камшик во левата рака, како казна за грешниците и мрзеливоста кон благочестивите дела. Јегудил е заштитник на сите оние кои работат настојно, и круната која ја држи ја симболизира наградата за духовниот труд. Заедно со подредените Ангели, тој е советник и бранител на сите оние кои работат на одговорните функции за Божјата слава, и како таков, нему му се обраќаат кралеви, судии и други земни начелници, само доколку праведно ја спроведуваат својата власт.

Архангел Варахил (Благослов Божји)

Архангел Варахил – раздавател на Божјиот благослов за добри дела, на луѓето кои ја бараат Божјата милост

Во Третата книга на Енох опишан е како еден од Aнгелските кнезови, со 496,000 миријади Aнгели со него. Се вбројува меѓу четирите владеачки серафими и кнезот на второто небо и на редот на исповедниците. Неговите должности се разноврсни колку и благословите во кои се споменува, но тој е и главниот Ангел чувар и на него му се молиме за секое нешто кое може да се добие од Ангел чувар, ако не се молиме диреткно на некој таков ангел. Преку Варахил, Бог ни праќа благослов за раѓање деца и уредување на семеен живот, на оние кои сакаат да ги воспитаат своите деца во духот Божји и да бидат пример за среќен брачен и семеен живот. Им дава благослов за намножување на приходите на оние кои се желни да помогнат на останатите кои се бедни и гладни. Затоа во иконографијата понекогаш е прикажан како држи бела роза наспроти градите, или ливчиња од роза расфрлени по неговата облека, особено по наметката.

Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Рубикон.мк. Секој упад и злоупотреба на интернет-страницата на Рубикон е казнив со закон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ